2 Timothy 1
1 Павле, апостолот на Исуса Христа по волја Божја, според ветениот живот во Христа Исуса,
2 до Тимотеја, возљубеното чедо. Благодат, милост и мир од Бога Отецот и од Христа Исуса, нашиот Господ!
3 Му благодарам на Бога, Кому уште од прародителите Му служам со чиста совест, затоа што постојано те спомнувам во молитвите свои дење и ноќе;
4 сеќавајќи се за твоите солзи, копнеам да те видам, за да се исполнам со радост,
5 и спомнувајќи си за твојата нелицемерна вера, која порано се всели во твојата баба Лоида и во мајка ти Евника, а убеден сум дека ја има и во тебе.
6 Поради тоа ти напомнувам да го распалуваш Божјиот дар, кој е во тебе преку моето ракополагање.
7 Зашто Бог не ни го даде духот на стравот, туку духот на силата, љубовта и трезвеноста.
8 И така, не срамувај се од страдањата на нашиот Господ Исус Христос, ниту од мене, Неговиот затвореник, туку стани учесник во страдањата за Благовестието Христово по силата на Бога,
9 Кој нѐ спаси и нѐ повика кон свето звање, не поради нашите дела, туку по Својата добра волја и благодатта, што ни е дадена во Христа Исуса пред вечните времиња,
10 а откриена сега со доаѓањето на нашиот Спасител Исус Христос, Кој ја уништи смртта и го осветли животот и нераспаѓањето преку Евангелието,
11 за кое што сум поставен како проповедник, апостол и учител на иноверците.
12 Затоа така и страдам; но не се срамувам, зашто знам во Кого сум поверувал и уверен сум дека Он е моќен мојот залог да го запази за оној ден.
13 Имај ги, како образец, здравите зборови, што си ги чул од мене, со вера и љубов во Христа Исуса!
14 Запази го добриот залог преку Светиот Дух, Кој живее во нас!
15 Го знаеш тоа дека од мене се одвратија сите Азијци, меѓу кои и Фигел и Ермоген.
16 Господ нека му даде милост на домот на Онисифора, зашто многупати ме успокои и не се посрами од веригите мои;
17 а, кога дојде во Рим, ме побара со уште поголема грижа и ме најде.
18 Господ нека му даде да најде милост во Него во оној ден! – А колку ми услужи тој во Ефес, ти тоа најдобро го знаеш.